Органодарувањето некогаш е живот, а некогаш продолжување на животот, вели проф. д-р Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација во Македонија. Таа вчера заедно со д-р Билјана Андоновска, заменик национален координатор за трансплантација, Адријана Георгиев, раководителка на програмата за трансплантација на органи, ткива при Министерство за здравство и д-р Даница Авсец која со години го водеше Словенија Трансплант учестуваа на дебата со ученици од средните училишта на тема органодонорство, како дел од кампањата за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава.

фото: Томислав Герогиев„Кога згаснува еден живот, срцето може да чука кај некој друг, и со тоа спасуваме нечиј живот“. „Голем број болести наоѓаат решение во органодонорството и трансплантацијата“. „Дарувањето органи не мора да значи да биде постмортално, туку може да биде и додека сме живи, како што е донирањето коскена срцевина“. „Донирање органи најчесто го поврзуваме во рамки на семејството, но, тоа, можеме да го правиме и додека сме живи и да спасуваме живот(и)“.

Ова се само дел од пораките кои произлегоа од дискусијата.

Со Повиците сакаме да ја видиме вашата перцепција за органодонорството – како емоција, како креација. Затоа што, органодонорството не носи само медицинска димензија, туку нѐ допира и малку поинаку. Помага во спасување на животи, ама помага и во спасување на човечност која ја има меѓу нас, и се обидуваме да ја одржиме. Вашите размислувања и решенија очекуваме да создадат кампањата која во наредните месеци ќе има за цел да ја подигнува свеста кај сите нас на оваа тема – во целата земја, нагласи Адријана Георгиев од Министерството за здравство.

На аспектот ‘согласност’ се осврна асс. д-р Андоновска. Сподели статистика која вели дека несогласувањето за органодаување, на светско ниво, изнесува од 16 до 40 отсто, а дека тој процент кај нас изнесува 28 отсто.

На оваа средба младите имаа можност да слушнат и за сликата за органодонорство и трансплантација во Словенија, каде согласноста изминатата година изнесувала високи 79 отсто, што значи и над просекот што го прават земјите членки на Еуротрансплант.

– Градењето свест за органодонорство е константа, приказна без крај. Секогаш одново работиме на оваа тема. Луѓето, генерациите се менуваат, потребна е постојана едукација.

Трансплантацијата често е и табу тема, зошто носи неочекувана смрт, тешка комуникација, но, има начини како да се преброди, и како да дадеме простор на ново знаење. Главната поента е создавање поддржувачка околина и култура, со ширење на фактите, потребите и резултатите во ова поле. Неопходно е да развиваме доверба, и тоа преку различни начини и алатки на комуникација, нагласи Авсец.

На средбата се отворија и прашања за начините на кои се станува донор, за етичките принципи на органодарувањето, за возрасната граница на донорите и реципиентите, за заштитата на личните податоци, и уште многу други поттеми.

„Не треба да има табу теми. Пред сѐ, треба да сме благодарни што сме здрави. Но, оваа средба ми ги прошири видиците за органодарителството. И ако порано мислев дека тоа е нешто што е врзано само во кругот на семејството, сега на тоа гледам многу поинаку, и дефинитивно почесто ќе разговарам и со блиските, и со врсниците“, беше само една од пораките што ја заокружија средбата.

Следни вакви средби се планирани во март, во Велес и во Струмица.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.