Време е Европа да зајакне, сами да ги браниме нашите интереси и вредности и да ја намалиме зависноста од енергијата, од клучни технологии и од одбраната, па затоа треба да почнеме да работиме на иднината на нашата безбедносна архитектура, опфаќајќи ги сите овие димензии, порача денеска претседателката на Европската комисија во обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур во рамки на дебатата за безбедноста и одбраната на ЕУ, пренесува новинската агенција МИА.
– Во последните години се урнати многу европски илузии. Илузијата дека мирот е постојан. Илузијата дека економскиот просперитет може да биде поважен од уништувањето на слободна и демократска Украина. Илузијата дека Европа сама прави доволно за безбедноста, било да е тоа економска или воена, конвенционална или кибер. Како што гледаме околу нас, јасно е дека повеќе нема место за илузии, нагласи Фон дер Лајен.
Таа истакна дека во време на зголемено и вознемирувачко здружување на авторитарните режими, на несигурност и конфликти во Украина и на Блискиот Исток и на агресивна економска конкуренција што има реални европски безбедносни ризици, Европа по итно мора да се разбуди, затоа што се загрозени нејзината слобода и просперитет.
– Треба да почнеме да работиме на иднината на европската безбедносна архитектура. Во сите нејзини димензии и со сета брзина и потребната политичка волја. Заканите за нашата безбедност, нашиот просперитет и нашиот начин на живот доаѓаат во многу форми. Некои од нив очигледни, некои од нив се позаматени на површината. Ние Европејците мора да внимаваме. Ова не е само за пораз на насилниците на бојното поле, туку и во целото наше општество. Тоа ќе биде заеднички напор. Но, уверена сум дека ќе одговориме на овој предизвик, рече Фон дер Лајен.
Според неа, европското единство и суверенитет само ќе придонесат за зајакнување на партнерства на ЕУ и никогаш нема да влијаат на значењето и потребата од постоењето на НАТО.
– Всушност, посуверена Европа, особено во одбраната, е од витално значење за зајакнување на НАТО, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека во сржта на европскиот суверенитет се одговорноста и способност на ЕУ сама да ги брани своите интереси и вредности и да ја намали стратешката зависности во критичните области, како што се енергијата, клучните технологии, економските капацитети и одбраната.
Таа потсети дека националните буџети за одбраната на земјите членки на ЕУ минатата година веќе се зголемиле за 20 отсто, дополнително се обезбедени и 6,1 милијарди евра од Европскиот мировен фонд за поддршка на украинските вооружени сили со воена опрема и материјали, а направени се и клучни чекори кон зголемувањето на капацитетите на европската одбранбена индустрија.
– Ова ќе ни овозможи приближно да го удвоиме европското производство на муниција, до над две милиони парчиња годишно до крајот на 2025 година, истакна претседателката на ЕК.
Таа додаде дека заканата од војна можеби „не е непосредна, но не е невозможна“, па затоа Европа мора да биде подготвена преку итна обнова, надополнување и модернизација на вооружените сили на земјите членки и преку зајакнување на оперативната способности и одбранбените индустриски капацитети во следните пет години.
– Европа мора да троши повеќе, да троши подобро, да троши европски, потенцира Фон дер Лајен, најавувајќи дека во текот на следните недели Европската комисија ќе ја предложи првата европска стратегија за одбранбената индустрија, чиј главен приоритет ќе бидат заедничките набавки во одбраната.
Според Фон дер Лајен, преземањето на сите овие чекори нема да биде лесно и ќе бидат потребни „храбри одлуки и политичка храброст“ и нов европски начин на размислување за одбраната, како од страна на институциите, така и од индустријата и инвеститорите, затоа што одбранбената индустрија во Европа има потреба од пристап до капитал.
Таа се осврна и на замрзнатите руски средства во ЕУ, потенцирајќи дека е време да се започне дебата за користење на „неочекуваните профити“ од нив за заедничка набавка на воена опрема за Украина.
– Не може да има поголема симболика и поголема корист од овие пари, од тоа и Украина и цела Европа да се направат побезбедно место за живеење. На крајот на краиштата, Европа ја презема одговорноста за сопствената безбедност. Едноставната вистина е дека го немаме луксузот на удобност. Ние немаме контрола врз изборите или одлуките во другите делови на светот и ние едноставно немаме време да го занемаруваме ова прашање. Со или без поддршка од нашите партнери, не можеме да дозволиме Русија да победи. Цената на несигурноста, цената на руската победа, е многу поголема од секоја заштеда што би можеле да ја направиме сега. Затоа е време Европа да се засили. Да живее Европа, истакна Фон дер Лајен во обраќањето пред ЕП.