Продолжуваат жестоките борби во поголемите градови на Појасот Газа, соопшти израелската армија, објавувајќи дека „неколку терористи биле убиени во воздушни напади и копнени судири во текот на претходниот ден“, пишува Тајмс од Израел.
Војската објави дека се водат интензивни борби во Хан Јунис, најголемиот град на јужната крајбрежна територија, а војниците наводно вчера „убиле голем број терористи со прецизен снајперски оган“.
Палестинските медиуми јавуваат дека најмалку 24 лица загинале во израелскиот воздушен напад синоќа врз градот Деир ел Балах во Газа.
Палестинската новинска агенција Вафа, повикувајќи се на локални извори, јави дека многумина се повредени и дека спасувачките екипи трагаат по луѓето затрупани под урнатините.
Според здравствените власти, кои се под контрола на Хамас, речиси 30.000 луѓе се убиени во Појасот Газа, а уште 70.000 биле повредени за време на израелската воена операција.
Меѓународната заедница жестоко го критикуваше Израел поради обемот на уништувањето и бројот на цивилни жртви.
Г. Т.