Велика Британија се подготвува да ги „оживее“ плановите за нова нуклеарна централа во Велс, откако владата во Лондон потврди дека сака да ја преземе контролата врз важната локација на северот на британската покраина.
Државната компанија Great British Nuclear е во рана фаза на преговори со компанијата Hitachi за купување на земјиште во Вилфа, Англеси, што би го отворило патот за изградба на нова нуклеарна централа, пренесува британски Телеграф.
Потенцијалниот договор доаѓа пет години откако јапонскиот гигант се откажа од плановите за нуклеарна централа во Британија, додека локацијата за која се шпекулира сега вреди 200 милиони фунти, приближно 234 милиони евра, како што објави Фајненшл тајмс.
Во Вилфа веќе има нуклеарна централа, која почна со работа во 1971 година, а беше затворена 44 години подоцна, во 2015 година. Вилфа е една од осумте локации кои во 2010 година беа означени за потенцијален нуклеарен развој.
Околу 14 отсто од производството на електрична енергија во Велика Британија во 2022 година било од нуклеарна енергија. Во 2023 година во Британија беа оперативни пет од девет нуклеарни реактори.