САД извршија вчера воздушни напади во Ирак и Сирија врз повеќе од 85 цели поврзани со Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и проиранските милиции, соопшти американската војска, по нападот во Јордан при што загинаа тројца, а беа ранети 40 американски војници. Се претпоставува дека нападите се само први во повеќестраниот одговор на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден на нападот минатиот викенд од милитантите поддржани од Иран.
„Нашиот одговор започна денеска. Ќе продолжи во моменти и на места по наш избор. САД не сакаат конфликт на Блискиот Исток или на кое било друго место во светот. Но, нека го знаат ова сите оние кои сакаат да ни наштетат: ако му наштетите на Американец, ние ќе одговориме“, изјави Бајден.
Иако не се погодени цели во Иран, нападите најверојатно ќе ја зголемат загриженоста поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток поради повеќе од тримесечната војна на Израел со Хамас во Газа.
Во соопштението на американската војска се наведува дека погодила цели како што се командни и контролни центри, магацини за ракети, проектили и беспилотни летала и објекти за логистика и синџир за снабдување со муниција. Во нападите биле погодени повеќе од 85 мети, соопшти американската војска.
Целта на САД биле силите Кудс, огранок на ИРГЦ за воена шпионажа и паравојска, што силно влијае на милициите сојузници на Иран низ Блискиот Исток, од Либан до Ирак, Јемен и Сирија. Сириските државни медиуми вчера објавија дека „американската агресија“ на места во пустинските области и на сириско-ирачката граница резултирала со бројни жртви и повредени.
Метите биле лоцирани на седум различни локации, четири во Сирија и три во Ирак, а во нападот биле вклучени бомбардери Б-1 со долг дострел, пренесени од САД, соопшти американската војска.
Американскиот генерал-полковник Даглас Симс, директор на Здружениот генералштаб, истакна дека нападите се чини дека биле успешни, предизвикувајќи големи секундарни експлозии бидејќи било погодено оружјето на милитантите, иако не е јасно дали милитантите се убиени, пишува Ројтерс.
Белата куќа соопшти дека САД го известиле Ирак пред вчерашниот напад врз три позиции на милитантите во земјата, само неколку минути откако ирачката војска ги осуди нападите како повреда на суверенитетот на земјата.
„Ја известивме ирачката Влада пред нападот“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
Ирачката војска соопшти дека биле нападнати цели во ирачката погранична област и предупреди дека нападите би можеле да ја зголемат нестабилноста во регионот.
„Овие воздушни напади се кршење на ирачкиот суверенитет, ги поткопуваат напорите на ирачката Влада и претставуваат закана што може да доведе до страшни последици за Ирак и регионот. Резултатите ќе имаат сериозни импликации за безбедноста и стабилноста во Ирак и околниот регион“, се додава во соопштението.
Движењето Хезболах, кое САД го обвинуваат за нападот врз американските сили во Јордан, во вторникот објави дека ќе ги паузира нападите врз американските сили. Но, друга ирачка група поддржана од Иран, Нуџаба, објави дека ќе продолжи да ги напаѓа американските сили во регионот додека не заврши војната во Газа и додека американските сили не се повлечат од Ирак.
Нападот во Јордан беше првиот смртоносен напад врз американски војници од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври. САД веруваат дека дронот што уби тројца војници и рани повеќе од 40 е произведен од Иран, изјавија американски официјални лица за Ројтерс.
Пентагон соопшти дека не сака војна со Иран и верува дека тоа не го сака ниту Техеран, во момент кога се зголемува притисокот на републиканците врз Бајден за директно да го нападне Иран.
Пред одмаздничките напади, иранскиот претседател Ебрахим Раиси нагласи дека неговата земја нема да започне војна, но „силно ќе одговори“ на нападите. Иранските советници им помагаат на вооружените групи во Ирак, каде што САД имаат околу 2.500 војници, и во Сирија, каде што се стационирани 900 американски војници.
ИРГЦ неодамна го намали распоредувањето на високи офицери во Сирија поради серијата смртоносни израелски напади. Американските трупи се нападнати повеќе од 160 пати во Ирак, Сирија и Јордан од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, со кој започна војната.
Г. Т.