Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
На 14 јануари 2024 година, во Давос, учесниците на состанокот на советниците за национална безбедност и советниците за надворешна политика на лидерите на земјите во врска со спроведувањето на Формулата за Мир предложена од Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, разгледаа уште пет точки од Формулата (првите пет точки беа разгледани на состанокот на советниците во Малта на 28.10.2023 година):
1) повлекување на руските трупи и прекин на воените дејствија;
2) враќање на правдата;
3) еколошка безбедност;
4) спречување на ескалација и повторување на агресијата;
5) потврда за крајот на војната.
Прочитајте го текстот на заедничкото прес коминике од средбата тука.
За време на дискусијата за точката за прекин на воените дејствија, беше обрнато внимание на можноста за развој на меѓународен договор со кој ќе се повика Руската Федерација целосно да ги прекине воените дејствија и да ги повлече трупите од Украина.
Беше предложено да се создаде механизам за повлекување на трупите на Руската Федерација и вооружените формации од окупираните територии на Украина, што би предвидувало повлекување на руските единици и војници од привремено окупираните територии; распуштање и целосно разоружување на воените терористички организации кои се наоѓаат на привремено окупираните територии; повлекување на воена опрема и оружје од привремено окупираните територии за нивна утилизација.
Во врска со реализацијата на точката „Враќање на правдата“ – прв приоритет тука е да се вложат заеднички напори Руската Федерација да се изведе пред лицето на правдата, вклучително да се спроведе истрага на национално ниво, да се обезбеди одговорност за злосторството агресија од страна на РФ, да се продолжи стратешкото партнерство со меѓународните механизми за правда, како и да се обезбеди исплата од страна на државата агресор РФ на репарации за Украина во согласност со меѓународното право.
Меѓународниот механизам за компензација ќе се состои од следниве елементи: меѓународен регистар на штети (чие создавање беше поддржано од многу држави, вклучително и Северна Македонија); компензациона или комисија за побарување; фонд за компензација, кој треба да се пополнува, пред сè, со руски средства (конфискација на руски имот во согласност со нормите на меѓународното право).
Значаен чекор напред во враќањето на правдата беше создавањето на Меѓународниот центар за гонење за злосторството агресија во Кијив, а создавањето на Специјалниот трибунал за злосторството агресија (Северна Македонија во април 2023 година се приклучи на групата држави кои работат на механизмот за создавање и функционирање на таков трибунал).
При дискутирање на точката за еколошка безбедност, говорниците истакнаа дека Украина е првата земја што даде приоритетност на прашањата поврзани со животната средина во мировниот план, а исто така призна дека идното здравје и безбедност на нацијата ќе бидат делумно одредени од влијанието на војната врз животната средина.
Беше нагласена потребата од унифицирање на начинот на пресметување на штетите и воведување на дефиницијата за „екоцид“ во меѓународното право.
Заклучно со денес се евидентирани повеќе од 3.300 случаи на еколошка штета предизвикани од руската војна во Украина, а истражени се 280 еколошки воени злосторства.
Украина останува една од најминираните земји: мините и неексплодираната муниција покриваат околу една третина од територијата на Украина.
Точката „Спречување на ескалација на војна и повторување на агресијата“ ја презентираше Шефот на Кабинетот на Претседателот, Андриј Јермак, заедно со претставникот на Велика Британија. Вниманието беше фокусирано на потпишувањето на 12 јануари 2024 година во Кијив од страна на лидерите на Украина и на Велика Британија на билатерален договор за соработка во областа на безбедноста, кој стана првиот документ за спроведување на Заедничката декларација на G7 за поддршка на Украина ( Република Северна Македонија ја поддржа наведената Декларација).
Имајќи го предвид фактот дека Декларацијата, меѓу другото, укажа на потребата преку билатерални обврски во областа на безбедноста и договорите, во согласност со соодветните законодавни акти, да се формализира постојаната поддршка на Украина, која ги штити својот суверенитет и територијален интегритет, ја обновува својата економија, ги брани граѓаните и се стреми кон интеграција во евроатлантската заедница, Договорот меѓу Украина и Велика Британија е достоен пример за останатите 30 потписници на Заедничката декларација на G7.
Украина се надева на почеток на преговори и склучување на такви билатерални договори со сите држави кои ја поддржаа Декларацијата на G7 во блиска иднина.
„Потврда за крајот на војната“ е исклучително важен чекор. При дискусијата беше привлечено внимание на фактот дека РФ не ги почитува меѓународните договори – вклучително Будимпештанскиот Меморандум, политичкиот билатерален договор од големи размери со Украина, договорот за украинско-руската државна граница.
Министерот за правда на Украина предложи Договорот, со кој ќе се потврди крајот на војната, да се заснова на Формулата за мир, да биде мултилатерален, односно потпишан не само од Украина и РФ, туку и од земји гаранти, да биде сеопфатен и да ги регулира сите области погодени од војната. Условите на договорот мора да бидат јасни и да имаат правно обврзувачки карактер, а самиот договор мора да биде ратификуван од парламентите на земјите учеснички.
Би сакала да им се заблагодарам на сите држави кои ја поддржаа Формулата за мир, вклучително на Република Северна Македонија, чија делегација, предводена од Државниот секретар на МНР Филип Тосевски, учествуваше на четвртиот состанок во Давос.
Украина е исто така благодарна за поддршката на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН за праведен и траен мир во Украина, која беше усвоена на 23 февруари 2023 година со 141 држава „за“; само 7 „против“ (РФ, Белорусија, Северна Кореја, Еритреја, Мали, Никарагва, Сирија).
Всушност, клучните одредби од Формулата за мир предложена од Претседателот на Украина Володимир Зеленски, за време на Самитот на G20 есента 2022 година веќе се инкорпорирани во оваа Резолуција на Генералното собрание на ОН.
За време на презентацијата на Формулата, Претседателот на Украина истакна дека секој може да избере за себе некоја од наведените насоки и да стане ко-креатор на мирот:
„Ве молиме изберете ја Вашата насока за лидерство и заедно сигурно ќе ја реализираме Формулата за мир.
Што ќе даде тоа?
Тоа е спас на илјадници животи.
Тоа е враќање на силата на меѓународното право.
Тоа е обновување на безбедносната архитектура.
Тоа е враќање на глобалната стабилност, без која страдаат сите во светот.
И тоа е смислата – смислата за која соработуваат чесните земји во светот.
Мирот е глобална вредност. Она што е важно за секој човек на земјата“.
Глобалната вредност може да се обнови и зачува од сите држави. Една од платформите за градење дијалог/разбирање за тоа како да се зачува човечкиот живот, да се врати почитувањето на човековото достоинство и да се врати мирот и безбедноста би можело да биде одржувањето на Глобалниот Самит за Мир на ниво на шефови на држави и влади.
Украина се надева дека учеството на Република Северна Македонија на овој Самит ќе биде значително продолжување на партнерската поддршка.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА.
Creative Commons 4.0
ПРОЧИТАЈТЕ И: