Утре во Истанбул, Бугарија, Турција и Романија ќе потпишат Меморандум за основање на Црноморската поморска група за акција против минирање (МСМ Black sea). Заменик министерот за одбрана Атанас Запријанов замина за таа цел во Турција, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна. Одлуката за одобрување на Меморандумот од бугарска страна беше донесена на владина седница на 13 декември 2023 година.

Главната задача на договорот е да се обезбедат морските патишта во Црното Море во однос на расчистувањето од мини и спротивставување на заканата од мини што се појави по почетокот на руската агресија врз Украина. Активностите на MCM Black Sea се целосно мирни по природа и не се насочени против која било друга земја. Се очекува меморандумот да помогне во подобрувањето на интеракцијата и добрососедските односи меѓу учесниците, без да го замени присуството на НАТО и тековните активности за одвраќање и одбрана во регионот на Црното Море.

Пловечките мини во Црното Море претставуваат значителна опасност за трговските бродови, особено за оние што носат украинско жито од Одеса, поради што е неопходно нивно отстранување. Создавањето на работната група може ефективно да ја неутрализира заканата.

Црноморските држави Турција, Романија и Бугарија се состанаа со официјални претставници од Грузија, Полска и Украина уште во април 2022 година за да разговараат за деминирањето по руската инвазија на Украина.

Министрите за одбрана од трите земји, исто така, разговараа за планот на состанокот на НАТО во Брисел минатиот октомври и во Анкара во ноември, додека работеа на финализирање на иницијативата.

Софија, Анкара и Букурешт се обидуваат да внесат други земји од НАТО во договорот во подоцнежна фаза.