Во студиото FAME’S во Скопје се снима оригиналната музика за „Слушни ме“, музички документарен филм за Марко Маринковиќ – Слаткаристика и неговиот личен пат со пелтечењето.
Музиката за филмот, на кој поголем дел е автор Лазар Цветковски, ја изведува оркестар составен од млади музичари од различни европски земји и пошироко, учесници на Институтот FAME’S. Институтот е основан во 2021 година од страна на FAME’S ДОО, една од водечките европски компании за оркестарски снимања за филмската, телевизиската и гејминг-индустријата.
Институтот им овозможува на млади класични музичари од цела Европа да посетуваат мастеркласови со реномирани интернационални музичари, ментори и диригенти. Нивната мисија е да го модернизираат класичното музичко образование преку негово поврзување со актуелните индустриски трендови и современите музички жанрови, со фокус на напредни студиски техники, истовремено поттикнувајќи соработка во културниот и образовниот сектор.
На снимањето присуствуваше и Марко Маринковиќ – Слаткаристика кој го следеше целиот процес на создавање.
„Пресреќен сум што имам можност своите песни да ги слушнам во една ваква оркестарска изведба. За мене ова е навистина посебен момент – музиката што е дел од мојата приказна добива нов живот, нова емоција и поинаква сила“, изјави тој.
Снимањето се реализира во рамките на соработката меѓу Продукциската куќа на филмот и Институтот, преку проектот „Европски креативен оркестарски програм за квалификувани млади“, поддржан од програмата „Креативна Европа“, Министерството за култура на Република Македонија и FAME’S ДОО.
Филмот „Слушни ме“ го следи патот на Марко Маринковиќ – Слаткаристика, од несигурностите во детството до создавањето автентичен глас кој денес инспирира многумина. Преку лични сведоштва, музика, работилници со деца и играни сегменти од неговиот живот, филмот зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите, храброста, упорноста и силата на уметноста.
Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценарист е Кристина Ризоска, а филмот е создаден според идеја и вистинита приказна на Марко Маринковиќ – Слаткаристика. „Слушни ме“ е во копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп, а неговата премиера се очекува на почетокот на 2027 година.
Текстот Музиката за филмот за Слаткаристика – „Слушни ме“ се снима со музичари од целиот свет е превземен од МАКФАКС.























