Најмалку 24 лица се полесно повредени вчера во Њујорк кога два воза на метрото се судрија и еден од возовите излета од шините.
Три линии од разгранетата мрежа на едно од најстарите метроа во светот беа затворени, а северозападниот дел на главниот остров на мегаполисот, областа Апер Вест Сајд на Менхетен, беше целосно опколен од пожарникари, полиција и брза помош.
Никој не е сериозно повреден во судирот, кој се случил меѓу воз кој превезувал патници и друг кој бил празен и запрен на пругата, изјавија за новинарите на местото на настанот Јан Свордс од службите за итни случаи и Мајк Мејерс, командант на службата за итни случаи.
Њујоршкото метро е екстремно дотраено, но несреќите и инцидентите се многу ретки, а бројот на возила почна повторно да се зголемува откако неговата употреба беше намалена поради пандемијата и порастот на криминалот помеѓу 2020 и 2022 година.