Претседателката на Косово, Вјоса Османи порача дека Косово ќе ги штити своите граници по секоја цена и на секој агол од територијата на земјата. Во своето обраќање пред пратениците порача дека Косово нема да биде скршено од хегемонистичките цели на Србија за анексија на северот. Османи истакна дека агресијата на Србија врз Косово на 24 септември во Бањска, докажува дека денешната политика на српскиот претседател Александар Вучиќ е всушност вчерашната политика на поранешниот касап на Балканот, Слободан Милошевиќ.
„Терористичка и паравоена група финансирана, обучена и поддржана од Србија, а пред сè под наредба од раководството на оваа држава, изврши чин на агресија со јасен план да го анектира северот на Косово и да предизвика дестабилизација, не само на нашата земја, туку и на целиот регион. Косово ќе ги брани своите граници во секој агол и по секоја цена. Србија не е заинтересирана ниту за траен мир, ниту за добрососедски односи, ниту за заокружување на процесот на дијалог со Косово. Денешната политика на Вучиќ е вчерашната политика на Милошевиќ. Затоа, хегемонистичките амбиции не се завршени. Бањска беше само предупредување дека Србија нема да се откаже од своите мрачни планови“, рече Османи.
Осврнувајќи се на нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, Османи рече дека конечната оценка за овој нацрт треба да ја даде Уставниот суд. Но, пред тоа да се случи Османи ги повика сите политички партии во државата да седнат заедно и да напишат заеднички коментари.
„Наша заедничка цел треба да биде да обезбедиме целосна усогласеност со Уставот на Косово и да не дозволиме меѓувласт или други аномалии кои го загрозуваат внатрешното функционирање на нашата држава“, додава Османи.
На седницата на која беше присутен и дипломатскиот кор во Косово, Османи упати критики до Европската Унија за нејзиниот едностран пристап кон дијалогот. Говорејќи за меѓународното зајакнување на Косово, Османи рече дека членството во НАТО треба да биде приоритет број еден за земјата.
Шкелзен Аќифи