Државниот секретар на Соединетите Држави, Ентони Блинкен ќе учествува на Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје каде ќе зборува за главната улога на Организацијата во промоција на продлабочената безбедност во регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога, соопшти во понеделникот вечерта Стејт департментот.
Блинкен денеска учествува на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, а во посета на Северна Македонија доаѓа утре каде на 29 и 30 ноември се одржува состанокот на министрите на ОБСЕ, изјави портпаролот Метју Милер.
„Во текот на посетата на Северна Македонија, државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирно решавање на споровите, рече Милер.
„Блинкен исто така ќе ја истакне главната улога што ОБСЕ ја игра во промоција на продлабочената безбедност низ регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога“, се вели во соопштението од Стејт департментот.