Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва соопшти дека израелските власти ги известиле семејствата на киднапираните заложници дека нивните најблиски треба да бидат ослободени во следните неколку часа.

Според „Тајмс оф Израел“, се чини дека договорот меѓу двете страни повторно e во сила, иако во текот на денот имаше несогласувања.

Израелски функционер за „Тајмс оф Израел“ изјавил дека Хамас се обидел да ги одвои мајките од децата за време на денешното ослободување, но се чини дека Тел Авив успеал да го спречи тоа.

Израелските медиуми јавија дека наскоро ќе бидат ослободени 11 заложници – девет деца и две жени, кои се мајки на некои од децата. Медиумите додаваат дека заложниците што треба да бидат ослободени се од кибуцот Нир Оз, заедницата најтешко погодена за време на смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври.