Црвениот крст не се сретна со луѓето кои беа земени како заложници за време на нападот врз Израел од страна на Хамас, изјави денеска во Женева израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен по состанокот со претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

– Јас сум со министерот за здравство и со семејствата, имавме средба со претседателот на МКЦК. До денес никој не се сретнал со заложниците. Немаме доказ дека тие се живи, рече Коен на прес-конференција.

Израелскиот министер додаде дека во Газа се префрлени храна, вода и лекови, наведувајќи дека до денес никој од заложниците не сретнал никого од Црвениот крст.

Израелската војска проценува дека околу 240 луѓе биле земени како заложници во Појасот Газа за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври. Според израелските власти тој ден биле убиени околу 1.200 луѓе во Израел, главно цивили.

Како одмазда, Израел го бомбардираше Појасот Газа и од 27 октомври спроведува копнена операција со цел „да го уништи“ Хамас кој е на власт на опколената палестинска територија.

Во нападите на Израел врз Газа досега загинаа повеќе од 11.000 луѓе, од кои две третини се жени и деца, соопшти Министерството за здравство на Хамас.