Во последниот план за раст на Западен Балкан, кој беше претставен денеска во Брисел, се наведува дека Европската комисија цврсто верува дека проширувањето останува клучна политика на Европската Унија, а особено дека полноправното членство на Западен Балкан во ЕУ е во политички, безбедносни и економски интереси на Унијата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ова е историски ден, бидејќи десет години по настаните на Мајдан, Комисијата предлага да се отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија.
Комисијата, исто така, препорачува отворање преговори за пристап во Европската Унија со Босна и Херцеговина „кога ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство“, рече таа.
Комисијата препорачува Советот да ѝ додели на Грузија статус на земја кандидат под услов да се спроведат одредени реформи.
Украина продолжува да се соочува со огромни тешкотии и трагедија предизвикани од руската агресивна војна, но сепак Украинците длабоко ја реформираат својата земја, иако водат егзистенцијална војна, посочи Фон дер Лајен. Таа додаде дека Украина завршила повеќе од 90 отсто од неопходните чекори наведени од Комисијата минатата година, укажувајќи на судските реформи и напорите за борба против корупцијата.