Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, нема да се појави во Судскиот совет, каде беше повикана поради реакциите во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми нема да биде присутна на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело ја образложи преку соопштение.

Во соопштението Адеми информира дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе има закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци.

– Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму, потенцира Адеми во соопштението.

Според неа, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.

-Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото, вели Адеми.

И последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка, како што вели Адеми, беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина.

-Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството. Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, истакнува Адеми.

На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања, како што вели, укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Според Адеми, и покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.

Во соопштението Адеми укажува дека политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители.

Посочува дека за неа како претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Република Северна Македонија, да ги оствари и заштити целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото