Индустриската зона „Речица и Новини“ во близина на Куманово сè повеќе е атрактивна за домашните и за странски инвеститори. Општина Куманово во изминатиот период спроведе постапка за оттуѓување на земјиште во зоната во сопственост, по пат на електронско јавно наддавање, со намена Г4, стоваришта и складови на локација.
– На јавното наддавање по пат на електронска аукција беа пријавени три компании а најповолен понудувач со највисока понудена цена е компанијата „ДТМ ЛИДЛ Северна Македонија ДООЕЛ“, со седиште во Скопје. Најповолната понуда изнесува 1906 денари за еден метар квадратен или вкупно за 170.996 метри квадратни (17 хектари) и изнесува 325.920.015,00 денари (5,3 милиони евра), информираа од општината.
Во наредниот период ќе заврши административната постапка за избор на најповолен понудувач и по исполнување на сите услови пропишани во јавниот повик, имотот ќе премине во сопственост на најповолниот понудувач, по што ќе следува инвестицијата.
– Електронската аукција ја спроведе одделението за располагање со градежно земјиште. На последната аукција беа пријавени три компании. Најповолниот понудувач беше „Лидл“ со вкупна вредност од 5,3 милиони евра, изјави раководителката на секторот, Емилија Сларидис Јаневска.
Потенцијалите на индустриската зона Речица се големи, сметаат од Секторот за урбанизам од Општината. Веќе има неколку компании, пред сè домашни. Надлежните очекуваат и странски инвеститори.
„Речица“ има 33 градежни парцели. Една градежна парцела која веќе е отуѓена е наменета за стоваришта и складишта. Деветнаесет градежни парцели се наменети за Г2 лесна и незагадувачка индустрија, за намена Б5 односно хотели, има три градежни парцели, осум за Б2 големи трговски едници, една градежна парцела е за комунална инфраструктура, односно Е3 пречистителна станица и една е зеленило. Досега се продадени десет парцели, најмногу, девет, за лесна и незагадувачка индустрија.
– Во зоната има веќе отворена фабрика за производство и преработка на оцет, грчка компанија за преработка на бетонски елементи, има фабрика преработка за масло од медицински употреби, останатите сè уште не се изградени, изјави Сларидис Јаневска.
Наредната аукција ќе се одржи до крајот на годината. Претходните се организираа од потребите и заинтересираноста на инвеститорите.
– Секоја аукција предвидува трошоци, од потребната документација за нарачка на елаборати, ажурирани подлоги, да се нарача историјат на движење на парцели, имотни листови до објавите кои чинат по 2.000 евра во дневни весници и службен весник. Претходните години 2016/17 имаше аукција, но таа заврши неуспешно од пет понудени парцели не се отуѓи ниту една, а трошокот веќе беше направен, вели Сларидис Јаневска.
Цените за различните градежни парцели се различни, почетната цена за намена (Г2 и Г4), за лесна незагадувачка и за стоваришта е иста и изнесува 61 денар за метар квадратен. За хотелите, почетната цена е 283 денари и за големите трговски единици, почетната цена е 800 денари за метар квадратен.
Зоната има низок степен на уреденост односно има електрична енергија, патна инфраструктура на дел од зоната односно кај отуѓените градежни парцели и на тој дел има и атмосферска канализација. Инфраструктурата беше изградена во 2020 година, но и денес продолжува интензивно да се гради. На почетокот на септември, општината одвои 12 милиони денари за патна инфраструктура во два слоја, соопштија од Секторот за комунални дејности. Претходно изградени се два главни сообраќајници и атмосферска канализација.
– Една од главните политики на локалната власт е сè повеќе да се развива зоната. Средствата кои се добиваат од отуѓувањето да се вложат во зоната, појаснува Сларидис Јаневска.
Вкупно зоната изнесува 64 хектари. Општината го користи сите капацитети за промоција на зоната пред инвеститори, особено при посети на амбасадори од различни држави од Европа.
Зоната се наоѓа на атрактивна локација во непосредна близина на автопатот кон Табановце, (во близина на село Речица) на само пет километри од српската граница, во близина на граничниот премин Табановце.
Кумановци сметаат дека функционирањето на зоната која е најблиска до градот, нуди можност за отворање на фабрики, стоваришта, хотели со што се зголемуваат потенцијалите за вработување во поголеми капацитети кои нудат атрактивни плати.
Александра Максимовска/МИА