Бирото за развој на образованието (БРО) демантира дека постои учебник за учениците во средното образование за реализација на програмата Образование за животни вештини.

-Најостро ги демантираме дезинформациите во јавноста за наводно постоење и употреба на учебник којшто го користат учениците во средното образование. Се работи за изготвен прирачник за наставници врз основа на наставна програма донесена од министерот за образование и наука, а Прирачникот е одобрен од директорот на Бирото за развој на образование и министерот за образование и наука во 2011 година, наведува БРО.

Бирото појаснува дека наставната програма не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини (и соодветно на тоа кои работни листови) ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите.

-Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско, уметничко и средно стручно образование). Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата Здраво живеење има разработено содржини, цели и активности кои се однесуваат на сексуалното здравје. Со оглед на тоа дека Прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, тие ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование согласно нов Закон за средно образование, информира Бирото за развој на образованието.

Имајќи ја предвид, како што посочува во реакцијата „брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социалните мрежи“, апелира до граѓаните, а особено до родителите и младите, „да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции“.