Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека денеска телефонски разговарал со неговиот француски колега Емануел Макрон за „начините да се обезбеди функционирање“ на коридорот создаден од Киев во Црното Море, како и безбедна пловидба на товарните бродови, по повлекувањето на Москва од договорот за извоз на жито, пренесе БТА.
– Разговаравме за начините да се обезбеди функционирање на коридорот за жито и да се зајакне безбедноста на регионот на Одеса“ во југозападна Украина, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).
Зеленски и се заблагодарил на Франција за воената помош и се согласил со Макрон француски компании да учествуваат на претстојниот Форум на украинската одбранбена индустрија. Зеленски и Макрон, исто така, се договориле „да започнат преговори за билатерални безбедносни гаранции“.
За „житниот коридор“ во Црното Море, утре во Сочи ќе разговарат и претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган.
Акиф Чагатај Кулч, главен советник за надворешна политика на Ердоган, најави дека Анкара настојува да ја убеди Москва повторно да се приклучи на договорот.
– Актуелната ситуација (на договорот за жито) ќе се дискутира на самитот во понеделник. Ние сме претпазливи, но се надеваме дека ќе постигнеме успех, бидејќи ова е ситуација која влијае на целиот свет, рече Кулач.