Тетовскиот градоначалник Биљал Касами на социјалната мрежа Фејсбук објави покана од Основен суд Тетово, од каде бараат претставник на општината да дојде на судско рочиште на 15 септември поради сторен прекршок при пречекот на косовскиот премиер Курти, односно неспроведување на Законот за употреба на грбот, знамето и химната.

На Фејсбук-профилот, Касами само на албански јазик напишал дека тоа претставува обид за заплашување и молчење.

– Уште еден обид за заплашување и молчење, што ме прави да разберам колку се плашат од албанската опозиција. Со овие дела ни ја зголемувате храброста. Повторувам, времето на заплашување и уцена на Албанците е мртво, како што умира и вашиот режим. Тоа го должиме само на граѓаните и на овој народ, бидејќи за вакви режими не се плашевме ниту во комунистичката ера, ниту сега. Вашето време истече, напиша Касами.

Објавен е и дел од судската покана со објаснување зошто се поведува постапката.

– На ден 11.08.2023 година на градскиот плоштад при организираниот дочек на странска делегација и претставници на Владата на Косово предводена од Албин Курти при самото доаѓање на градскиот плоштад на поставена бина беше интонирана химната на Албанија при што не беше интонирана химната на РС Македонија. Воедно на бината каде што се одвиваше манифестацијата истакнати се знамиња на Р. Косово и Р. Албанија без притоа да се истакне државното знаме на РС Македонија. Горе пријавеното правно и одговорно лице во правно лице не постапиле согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РС Македонија при што при официјалната посета на странската делегација не ја интонирале државната химна како и не го истакнале државното знаме на РС Македонија“, стои во поканата на Основниот суд Тетово до локалната самоуправа.

Од 11 август СВР Тетово бара и човек кој вееше знаме со карта на т.н.Голема Албанија.