Владата на денешната 180-та седница ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба „105 години Требениште“ во Националниот археолошки институт со Музеј при БАН во Софија.

-Националната установа Археолошки музеј на Република Северна Македонија, во соработка со Националниот археолошки институт со Музеј во Софија, Република Бугарија и со Народниот музеј на Србија во Белград, ја организираше меѓународната изложба со наслов „100 години Требениште“, којашто се одржа во Скопје од февруари до август 2019 година, по што е договорено продолжување на соработката во рамките на овој проект, информира прес-службата на Владата.

Како што е посочено во образложението од ресорното министерство, Требениште е прв и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран преку три музеи, од Скопје, Белград и Софија, а изложбената поставка содржи предмети што се поврзуваат со животот крај брегот на Охридско Езеро уште од VI до IV век пред нашата ера и коишто ја покажуваат хронологијата на досегашните истражувања на некрополата Требениште.