Во крводарителската акцијата во Велес, во организација на општинската организација на Црвениот крст од овој град и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, за два дена биле собрани вкупно 172 крвни единици. Денеска од 9 до 15 часот во Ликовниот салон во Велес беа дарувани 125 крвни единици, а во петокот 47, информира за МИА Орце Николов, секретар на ООЦК Велес.

– Велешките крводарители и на годинашната летна традиционална акција за доброволно дарување крв, по којзнае кој пат ја искажаа хуманоста на дело и потврдија дека со години наназад се на водечкото прво место на хуманоста во земјава, потенцира Николов.

Со акцијата денеска раководеа докторите од Институтот за трансфузиона медицина д-р Ефтим Димитровски и д-р Кирил Лазов, а во петокот д-р Кирил Тодоров. Тие како и на секоја акција вршеа медицински прегледи на секој потенцијален крводарител за да констатираат дали е сосема здрав за да дарува крв.

Летната акцијата за крводарување во Велес е традиционална и најмасовна меѓу велешките крводарители повеќе од 30 години, а рекорд на акцијата во 2010 година беа за два дена собрани 382 крвни единици.