Околу триста возрасни жители на Крива Паланка денеска добија услуги на терен, мерење на шеќер во крвта и мерење притисок, од страна на негувателките од „Нега центар” на Општинската организација на Црвен крст.

-Нашите дваесет негувателки ангажирани во центарот за нега и грижа на стари лица во домашни услови, денеска ги ангажиравме на терен, пружајќи услуги за сите жители на градот. Бевме стационирани во центарот на градот, градски парк и плоштад, каде што денес, сабота, пазарен ден во општината, граѓаните минуваат во поголема фреквенција, но и бараат сенка на горештините. Распоредени низ целиот парк и плоштад, негувателките успеаја да измерат вредности на шеќер во крв и притисок на над триста граѓани, со укажување на почитување на мерките за превенција и заштита од топлотен бран, информира Дарко Пешовски, секретар на ОО Црвен крст.

Тој посочи дека тимот на „Нега центар“ Крива Паланка има дваесетина членови и наскоро ќе му се придружат нови 15 обучени негуватели.

За неполни десет дена во зградата на ОО Црвен крст Крива Паланка ќе биде официјално отворен и Дневен центар за престој на возрасни лица, што Општина Крива Паланка го добива со поддршка од Министерството за труд и социјална политика.