Општиот колективен договор е основната рамка под која не може да оди ниту еден колективен договор. Доколку со гранските колективни договори се утврди далеку повисок износ на регрес за годишен одмор и поголем процент за плата, нема никаков проблем, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов по јавно изнесениот став на Конфедерацијата на слободни синдикати дека не се согласуваат со ОКД.
– Колегите од КСС имаат поддршка од ССМ. Нивното легитимно право да се борат и да утврдат поголеми плати е во гранските колективни договори на ниво на работодавач, изјави Трендафилов во централниот дневник на „Сител“.
Трендафилов посочи дека во процесот на преговори биле вклучени сите репрезентативни синдикати, но дека на последните неколку состаноци на кои се воделе исцрпни разговори претставниците од КСС одбиле да учествуваат и се обидувале да вршат притисок и влијание врз ССМ, вработените во јавниот сектор да не добијат зголемување од 10 проценти и регрес за годишен одмор.
Општиот колективен договор за јавниот сектор беше потпишан вчера попладне во Владата од страна на претседателот на ССМ и министерката за труд и социјална политика во присуство на премиерот Димитар Ковачевски. Со овој договор од септември 130 илјади вработени во јавниот сектор треба да добијат зголемување на платите од 10 проценти и К-15 до крајот на годината во висина од 10 илјади денари.
Претходно, КСС излезе со став дека не се согласуваат со ОКД и дека за нив спорен е став 2 од член 14 од ОКД.