Пишува: Љубиша Николовски
Ако ја анализираме сегашната политичка ситуација на терен околу уставните измени, и ја ставиме во контекст на предвремени или редовни избори, акцентот секако ќе падне на пост изборниот период, на тоа кој ќе составува Влада и во каков формат ќе биде таа.
Сè поизвесно е дека тоа ќе биде малку поширочка Влада, во која некои партии ќе влезат, ама некои нема да влезат. Од сите пермутации што ќе ги свртите во глава излегува дека во неа нема да влезе или ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ.
Еве зошто.
Имено, од неодамна формираниот проевропски фронт, во кој влегоа владеачките партии СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, но кон кој се приклучија и останатите партии на Албанците, до скоро имаше за цел да ја изолира тврдокорната ВМРО-ДПМНЕ како антиевропска и да ја исфрли на чистина како коалиционо неподобна за партиципиент во идната Влада.
Но, бидејќи политиката е математика на бројки, и тоа повеќе на собирање одошто на одземање, се покажа дека фронтот е сепак недоволен за исполнување на преземената обврска од францускиот предлог.
Сигурна гаранција за изгласување на уставните измени може да понуди само ВМРО-ДПМНЕ. Цело или на парче.
За да биде цело сепак ќе треба да се исполни условот што оваа партија одамна го бара, а тоа се предвремени избори.
Значи „танте за кукурику“. Гласови за избори!
До оваа точка на компромис одприлика и се дојде на последната лидерска средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Димитар Ковачевски.
Левица во ова веднаш ја препозна широката Влада на Зоран Заев што ја понуди пред две години, а Мицкоски ја одби.
Па сепак, токму во тој критичен момент, се случи нешто што сите ги врати на почетните позиции. ВМРО-ДПМНЕ остана непомирилива во ставот дека нема да гласа за уставните измени, а СДСМ дека предвремни избори нема да има.
Тоа е игра на сè или ништо. Ако ВМРО опстои на овој став и навистина не ги подржи уставните измени, ќе нема на што да се надева ниту со предвремени, ниту по редовните избори. Едноставно тие ќе бидат „аут“ од идната Влада, без разлика дали добиле повеќе пратеници или не.
Ако сепак смогнат сила да ги „помогнат“ уставните промени, тогаш можеби ДУИ нема да биде „ин“ во новата Влада.
Засега се чини како овие два процеса „ин“ и „аут“, „некој“ да ги турка да се одвиваат напоредно.
Од една страна ДУИ е изложена на силен притисок за корупција во највисокото раководство. На удар се членови на потесното семејство на лидерот Ахмети. Речиси секој ден се отвораат афери за „матни“ бизниси на членови на оваа партија, со што ѝ се нанесува силен удар пред изборите кога и да се одржат тие.
Со тоа како да почна да се материјализира заложбата Заев-Мицкоски за испраќање на Ахмети во политичка пензија, а неговата партија во опозиција.
Но, паралелно со тоа, обвинителството започна истрага и отвори случај „Феникс“, во кои се осомничени дури 15 лица, сите од ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на 57 милиони евра за проектот Скопје 2014, а своевидна завршница доби и предметот Титаник од поранешното СЈО со испраќање во затвор на Миле Јанакиевски.
За да нема лутиш, и за политички баланс, треба да се спомене дека и на поранешниот ген-сек на Владата, Рашковски и пријателите им се изречени затворски казни.
Така, македонското политичко клопче се замота до степен што единствено одмотување е можно ако за почеток сите пратеници или во „доволен“ број гласаат за уставните измени, а потоа отидат да си ја пробаат силата на избори. Какви и да бидат.
А потоа?
Потоа повеќето од нив во Влада, на купче.
Можеби ВМРО-ДПМНЕ се надева на поголем број освоени мандати (ако акетите не ги лажат), но сигурно сфаќаат дека изборната победата може да биде ништожна, ако не ја освојат власта.
Колку да звучи парадоксално на прв поглед, но ако сакате власт, и тоа од осум години, а не сакате да ја делите со ДУИ, тогаш единствена опција што ви останува е тоа да го направите со СДСМ и се разбира со останатите партии на Албанците. Тие одамна сакаат да се отарасат од ДУИ, а со ВМРО-ДПМНЕ „не им оди муабетот“. Затоа сврзното ткиво на идната коалициска Влада нужно останува да биде СДСМ. Ова важи само ако изборните карти не се наредат поинаку.
Во суштина би се случила проста смена во фронтот, ВМРО-ДПМНЕ наместо ДУИ.
Со ваквата промена наместо да извиси ВМРО, како што беше првобитно замислено, би извисила ДУИ. Но во таков случај ВМРО ќе треба прво да испорача 80 пратеника за уставните измени.
извор: racin.mk