Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Aко Мицкоски вели дека неговата партија била качена на бродот за Европа, а СДСМ и ДУИ воделе антимакедонска политика, нешто во овие тези не ми штима, поточно, вака конструирана теза е неописиво глупава. Ајде да се обидеме да објасниме зошто Мицкоски, од неговото политичко делување, покажува дека од Европа е далеку светлосни години.

 

На почеток можам сувопарно да напишам купишта теориски клучеви како ВМРО-ДПМНЕ не може да биде Европска партија, ама ајде да се мавнеме од големи и сувопарни зборови, па да се обидеме уметнички да ја „прочачкаме“ десничарската политика.

Зошто уметнички?

Затоа што на уметноста и е работа и послание да ги „чачка“ сите човечки делувања како збир на целокупното човечко однесување и, на крајот на краиштата – затоа што десничарската политика е посилна од уметноста. И затоа што, ако сакате, и физички е појака. Како сега физички? Па, така, едноставно: затоа што во својот посед ги чува парите на Локалните самоуправи, ги држи локалните институции, ги штелува и средствата за принуда, ја држи законската и нешто помалку законската власт.

На овие работи треба да се пристеме секогаш кога ќе го слушнете тој десничарски „пајац“ како беседи за Европа, а конотациите се многу пошироки од стеснетите граници на неговиот „македонски пијемонт“.

Оние кои не ги разбираат домашните прилики, може да им делува како шега или измислена вест: десничарско друштвенце оди по градови и села како Монтипајтоновски летечки циркус, ги плаши мажите, жените и децата, а уште им зборува срамотни работи дека цела партија се качила во бродот за Европа. Што значи, „озгора“ го субординира широкото граѓанство дека ВМРО-ДПМНЕ била Европска партија.

Човекот што велеше дека не ни треба Европа; човекот што зборуваше не сакаме да одиме во Европа ако треба да се асимилираме; човекот што не признава малцинства: Албанци и Бугари пред сите останати; човекот што собира поддршка на антиевропски сентименти; човекот што создава(ше) антибугарски расположенија, денес, поточно вчера, изјавува дека неговата партија била качена на бродот за Европа? Мицкоски, човекот што ги негираше сите меѓународни договори кои нашата држава ги направи во име на Европа, денес вели дека бил качен на бродот за Европа. Човекот што Северна Македонија ја нарече Босна, навредливо пред сè за Босна и Херцеговина, ама чувството за навреда не влегува во сивите ќелии на „лидерото“.

Добро, му веруваме на Мицкоски дека создавал Европска клима во општеството, ако претходно констатираме дека половина мозок хируршки ни е отстранет од главите.

А сега сосема конкретно. Не, Мицкоски не е Европски човек, не, ВМРО-ДПМНЕ не е европска партија. Европски може да се наречеш ако создаваш европска клима во општеството, ако престанеш сите „културни војни“ да ги насочуваш кон сите „грешници“ кои не ти се по волја, и ако престанеш бласфемијата да ти биде „ужа“ специјалност. Европеец може да бидеш ако ги поддржуваш сите малцинства, сите поединци кои се дури и невклопливи по своја волја во општеството. Европеец можеш да бидеш ако ја поддржуваш секоја индивидуална екстравагантност, без разлика дали тоа ќе ти го вознемири твоето колективно етничко тело. Европеец можеш да бидеш ако генерираш атмосфера на плуралност, а не атмосфера на клевета и денунцијација. Европеец можеш да бидеш ако престанеш да лажеш, спинуваш или зацапаш во гаден популизам. Европеец може да бидеш ако сфатиш дека колективните тела имаат свој интеркултурен, поточно мултикултурен дел во себе: културите се мешаат со други култури; така тие не исчезнуваат, напротив, така јакнат повеќе и споделуваат искуства за себе многу подобро отколку да ги држиш на дистанца од сите останати.

Треба ли да потсетувам кој ги палеше бугарските клубови во Охрид и Битола? Треба ли да потсетувам кој провоцираше и создаваше негативна клима минатото лето, таквата клима за малку ќе ја рушеше владата, до толку беше силно тоа лудило. За среќа, немаше жртви.

Треба ли да потсетувам што ми се случуваше од 2019 година, па некаде до крајот на 2021 година кога почнав „зачестено“ да се појавувам на мејнстрим медиуми? Јас не знам колку смртни закани сум примил, не знам колку повици на линч и убиство сум добил; неколку пати моето име беше испишано на контињер како место за мое ново живеалиште. А, зошто? Затоа што создавав привид дека е возможно да живееме во мир со сите: Бугари, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Евреи, Хрвати, Црногорци… Сите! Повикував на мир, мир, мир, пријателство, пријателство, пријателство… На овие пораки, десничарската клика беше спремна да ме запали. Не само мене, ама јас бев посебен случај бидејќи доаѓав од внатрешноста. Целиот национален паноптикум го почувствував на својот грб. Стаповите, таа реторичка омраза, длабоко навлезе во мојата крвава (пот)кожа.

На крајот, сакам на Мицкоски нешто да му порачам. Без просеравање, без одвратен вординг, без завиен речник.

Кога се пцуе мајка бугарска, и јас сум Бугарин.

Кога се пцуе мајка албанска, и јас сум Албанец.

Кога се пцуе мајка македонска, и јас сум Македонец.

Кога се пцуе мајка турска, и јас сум Турчин.

Кога се пцуе мајка српска, и јас сум Србин.

Кога се пцуе мајка еврејска, и јас сум Евреин.

Кога се пцуе мајка ромска, и јас сум Ром.

Кога се пцуе било чија мајка… и јас сум она што го пцуеш.

Превземено од Фронтлине.мк