Полицијата во јужна Италија денеска соопшти дека запленила 2.700 килограми кокаин со висока чистота, скриен во два контејнери во фрижидер со банани кои биле испратени од Еквадор. Кокаинот пронајден во калабриското пристаниште „Gioia Tauro“ би вредел повеќе од 800 милиони евра, се наведува во соопштението на италијанската полиција.
Пратката пристигнала од Гвајакил во Еквадор, а нејзината крајна дестинација била Ерменија, преку црноморското пристаниште Батуми, Грузија. Дрогата била откриена во контејнери од 12 метри од специјални скенери, со помош на куче трагач, додава полицијата.
Полицијата соопшти дека во изминатите неколку дена пронашла дополнителни 600 килограми кокаин во контејнери со овошје од Еквадор кои биле испорачани преку „Gioia Tauro“. Тие пратки биле наменети за други делови на Италија, како и за Хрватска, Грција и Грузија, додаваат тие. /makfax