Претседателот Стево Пендаровски е разочаран од правосудството во земјава. Коментирајќи ја ситуацијата во Судскиот совет, Пендаровски рече дека овој сектор добива најостри критики, од 1990 година.

Тој додаде дека ако институцијата и натаму остане без претседател, судиите ќе останат без плати, а земјата ќе живее со црна дамка во демократското досие и на патот кон Европската унија.

Ситуацијата во Судскиот совет останува нејасна и за министерот за правда Кренар Лога. Тој вели дека го чека записникот од седницата кога беше разрешена Весна Дамева.

„Проверивме пред да дојдеме тука, и записникот не е доставен до нас, и ние немаме никакви информации освен она што сте го објавиле вие како медиуми. Другото останува нејасно бидејќи не е објавена никаква одлука во Службен весник. Затоа не би сакал да навлегувам во ова ако не го имам на хартија она што веќе го побарав како министер за правда“, рече Лога.

Лога на оваа позиција дојде со низа ветувања за подобрување на состојбите во правосудниот систем во земјава. Од друга страна, пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ бара Собранието, како коосновачко тело на Судскиот совет, да расправа за најновите состојби во оваа институција.

АЛСАТ денеска се обиде да го контактира и заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, но одговор не добивме.

Експертите претходно јавно побараа од обвинителството да ги истражи настаните во оваа институција, но и во обвинителството молчат и не даваат информации дали има елементи за потенцијално кривично дело во постапката за разрешување на Дамева од поранешниот висок функционер на ДУИ, сега заменик-претседател на Судскиот совет, Селим Адеми.