Тетовското муфтиство без конкретна одлука како да се реши проблемот со околу 100-те куќи кои биле бесправно изградени врз имот на ИВЗ. Иако голем број од нив биле изградени пред земјиштето да ѝ биде вратено на ИВЗ, од тетовското муфтиство велат дека одлука се очекува да донесе ИВЗ во Скопје. Од муфтиството се сомневаат дека дел од жителите сакаат да го купат земјиштето, но не од ИВЗ, која е вистинскиот сопственик, туку од државата и тоа за едно или две евра за квадрат.

„Сè е направено на незаконски начин, последиците се законски и тие требало самите да мислат. Досега ниту од муфтиството или ИВЗ, како сопственик на имотот, никој нема дозвола. Барањата се многубројни во секторот за Вакаф, но во моментов Исламската верска заедница нема никакви предлози. Муфтиството ќе излезе со предлог, но одлуката ќе ја донесе ИВЗ како правен носител. Жителите треба да знаат дека тоа не е сопственост на државата, туку тој имотот има сопственик со име и презиме. Значи, сопственик на земјиштето е ИВЗ, така што за судбината на тоа земјиште ќе одлучва само ИВЗ и никој друг“, рече Намик Џафери, Секретар на тетовското муфтиство, пренесува Алсат.

И општина Тетово е немоќна да го реши проблемот. градоначалникот, Биљал Касами вели дека ќе пробаат да помогнат, но немаат многу опции. Решение за легализација на нивните домови граѓаните треба да си бараат од ИВЗ.

„Ние покажавме подготвеност како што направивме за да се решат 1.500 предмети, да помогнеме во решавањето и на проблемот за овие лица да имаат легален имот. Проблемот тука е што станува збор за денационализирани имоти за Исламската заедница и можностите на општината се ограничени. Во моментов немаме никакво законско решение за овие имоти или ова земјиште за куќите изградени без дозвола да се преземат како сопственост од страна на општината, а потоа да им се продадат согласно Законот за легализација на објекти“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.

Сопствениците на овие дивоградби бараат ИВЗ да даде согласност за нивна легализација. Но, според исламскиот законик, вакафот не смее да биде отуѓен или продаден, па ИВЗ не може да им даде ваква согласност.