Охрид СОС објави фотографии за кои вели дека покажуваа како се бетонира Охридското езеро од албанската страна на границата и тоа во време кога постои сериозна закана Охридското езеро да го загуби статусот во УНЕСКО.

Охрид СОС објави:

Додека албанските власти во извештајот доставен до UNESCO наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот Регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго. Се бетонира во Охридското Езеро, како што се гледа од фотографиите, но немаме повеќе детали. Машините се регистрирани кај Тушемиште. Уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, дека уништувањето продолжува, со несмалено темпо, и од другата страна на границата. Иако тој дел е само четири години на листата Светско наследство, ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел. На средба со неколку албански организации и жители на Поградец неодамна, имавме прилика да дознаеме за одредени планови и намери кои не се усогласени со стандардите за заштита, кои би можеле да го нарушат биодиверзитетот и чудно е како се форсираат, кога албанските институции се обврзале да го заштитат светското наследство. Не попусто се препорачува од страна на меѓународните организации интегрирана заштита, ускладени закони и стандарди и интегрални планови за управување, од двете држави.