Според инж. Марија Генова, најсериозна тешкотија е експропријацијата на земјиштето.
Како се исполнуваат преземените обврски од бугарска страна околу изградбата на железничката линија со РСМ?
Само за програмскиот период 2014-2020 година обемот на европското финансирање достигна 700 милиони евра. Модернизирани и реконструирани се бројни железнички делници, имплементирани се интелигентни системи за сигнализација и комуникација, се зголемува и брзината на железничката мрежа. Интензивно се подготвуваме за инвестициите за новиот програмски период. Ова го изјави заменик-директорот на Секторот „Стратегија и администрација“ на државното претпријатие „Национална компанија железничка инфраструктура“ (НКЖИ), инж. Марија Генова во емисијата „Денот ON AIR“, пренесува Трибуна.

Според неа, Паневропскиот Коридор бр. 8 е исклучително важен. Неговата должина е помеѓу 1200-1300 km, од кои 747 се во Бугарија.

„Поголемиот дел од трасите во него веќе се во функција. Единствената делница од 2,5 километри што сѐ уште не е завршена, е од станицата Ѓуешево до границата со РСМ“, објасни таа.
Инж. Генова истакна дека на железничката линија Софија-Перник-Радомир-Ѓуешево-граница со РСМ има неколку главни делници. НКЖИ нарача и изработи проект за модернизација на патната линија Софија-Перник-Радомир.

„Од Владаја до Драгичево се планира да биде изградена нова траса и да биде зголемена брзината. Тоа ќе биде тунел кој заобиколува свлечиште во реонот“, кажа гостинот и додаде дека очекува изградбата на трасата Перник-Радомир да започне наскоро, бидејќи јавната постапка за избор на градежник е веќе готова.