Република Северна Македонија стои рамо до рамо со нашите партнери во Европската Унија, изјави премиерот Димитар Ковачевски, по повод започнувањето на заедничната гранична мисија на ФРОНТЕКС и македонската полиција.
-Денешниот почетен настан на „Заедничката операција Северна Македонија“, кој е во соработка со Aгенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, е уште еден доказ за нашата цврста заложба и одреденост дека нашето место е покрај нашите европски сојузници, каде заедно ќе работиме на зачувување на меѓународниот мир и безбедност. За нас ФРОНТЕКС значи заштита на нашите граници, на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, но и признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат. Со успешна, заедничка работа, со заеднички сили заедно со нашите сојузници и стратешки партнери стоиме храбро пред предизвиците и одиме по патот кој нѐ води до посветла, просперитетна иднина за сите наши граѓани, порача Ковачевски.