Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска одржа работна средба со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

-На средбата беа презентирани активностите што ги реализира Јавното обвинителство во спроведувањето на сите стратешки документи чија цел е зголемена ефикасност во постапувањето и ефикасната борба против корупцијата. Притоа, Јовески ги појасни внатрешните механизми кои се воспоставени во Јавното обвинителство и кои гарантираат етичко и професионално постапување на јавните обвинители, соопшти ЈОРСМ.

Дополнително, јавниот обвинител Јовески, се наведува во соопштението, го образложи функционирањето на формираните истражни центри, нивната опременост и екипираност.

-Вицепремиерката Грковска изрази подготвеност, во рамки на своите надлежности за доброто владеење и унапредување на владеењето на правото,  да даде поддршка на активностите на Јавното обвинителство со цел да се надминат нотираните предизвици во Извештајот на Европската комисија, информира државното Јавно обвинителство.