„Договорот од Преспа беше движечка сила за нови иницијативи коишто дотогаш не беше можно да се реализираат. Денес, регионалната соработка и иницијативите како Отворен Балкан се темелите и засилувачите на новите социо-економски перспективи, бидејќи почиваат врз дијалог и меѓусебна поддршка“ пишува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“.

Според него тоа е така бидејќи тие се во суштината на демократијата и либерализамот, однсоно се директни противници на радикалзимот и на авторитарните, самодоволни режими.

„Токму затоа, иницијативите за соработка и поврзување, како што е Отворен Балкан, имаа и имаат противници меѓу националистите и автократите. Но, ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со непријатен чад и мирис“ рече Заев.

Поранешниот премиер во текстот додава дека умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување и заедно да се спротивстават на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир.