Рускиот амбасадор во Белорусија, Борис Гризлов, најави дека Русија планира да го распореди своето тактичко нуклеарно оружје во близина на западната граница на Белорусија, со цел, како што рече, државата да ги зголеми можностите за обезбедување на безбедност.
„Ова ќе биде направено и покрај вревата во Европа и САД“, изјави рускиот амбасадор Гризлов за белоруската државна телевизија.
Тој не прецизира каде точно ќе биде стационирано оружјето, но потврди дека, според наредбата на рускиот претседател Путин, складиштето ќе биде завршено до 1 јули, а потоа ќе биде преместено во западна Белорусија.
Коментарите на рускиот амбасадор во Белорусија доаѓаат откако рускиот претседател минатиот месец ги објави плановите за стационирање тактичко нуклеарно оружје во оваа земја.
Белорусија граничи со Литванија, Летонија и Полска – земји од источното крило на НАТО, кое е засилено со дополнителни војници и воена опрема по руската инвазија на Украина.
САД и другите сојузници на Киев изјавија дека се загрижени поради можноста Русија да испрати тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, а претседателот Џо Бајден изјави дека тоа е „загрижувачки“.