Нема големи очекувања од најавите на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека недостигот од работници во Македонија ќе биде покриена со увоз на работна сила од други земји. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека ова ќе биде само отскочна даска на работници од Бангладеш или Пакистан преку нашата земја да заминат во земјите од Европа.

-Мислам дека можат да привлечат работници кои ќе работат еден месец, но кога ќе дојдат тие вработени, како што кажа вицепремиерот од Бангладеш или Пакистан, ќе останат во нашата држава еден месец и потоа ќе им биде отворена врата за да заминат во западно европските земји каде што исто така имаат голема потреба за работници, а имаат поголеми плати. Жално е да се каже, бидејќи ние предупредуваме на тоа, дека во секоја област на државата ни фалат работници, особено во градежништво, угостителство и туризмот, а државата спиеше. Моментално фалат работници буквално секаде: јавен сектор, приватен сектор имаме недостиг на работници. Имаме информации дека моментално текстилни компании даваат парични награди на моментално вработените доколку привлечат нови вработени. Државата тоа не го прави. Во администрација ни фалат стручни кадри: ни фалат ИТ инженери, правници, економисти, архитекти, цивилни инженери… Нив не можете да ги привлечете да дојдат да работат во администрација кога почетната плата што ја добиваат тие вработени е 23.000 денари. Ако одат во приватен сектор изнесува 50.000 денари, а ако заминат од границите на државата веќе тоа е многу повеќе. Пред неколку дена излезе податок од Синдикатот на градежници дека само во една година бројот на градежни работници се намалил за 12.000 луѓе кои заминале во странство. Сега ќе дојде лето и македонските административци се јавуваат како сезонски работници во странство. Источниот дел на државата заминуваат на неплатено отсуство и работат во Италија и Австрија, западниот дел во Германија и Швајцарија и сега најново е заминуваат да работат на јадранскиот брег како готвачи и келнери за да можат со тие пари што ќе ги донесат да ја поминат годината во Македонија, вели Деаноски.