Министерката за одбрана Славјанка Петровска информираше дека е исполнето ветувањето дадено пред јавноста и дека вчера е извршена делумна декласификација на одлуките за донација на воена помош и опрема на Украина.

Во гостување синоќа во емисијата Клик Плус на ТВ 21, , Петровска информираше дека декласификацијата се однесува на видот на опрема која е донирана со шест одлуки за донација на воена помош за Украина.

 -Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, коишто веќе еднаш ги потврдивме, воздухоплови или познатите авиони Сухои, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства, подвлече Петровска.

На прашањето дали станува збор за нова опрема, министерката за одбрана истакна дека тоа е опрема од источно производство и дека истата не била дел од формацијата на Армијата.

Она што е особено важно е дека таа не претставува дел од формацијата на Армијата, односно не придонесува за гарантирање за борбената готовност на нашата Армија. Односно со донирањето на сета претходно донирана опрема, вклучително и она што денеска го дониравме, не се нарушува борбената готовност на нашата Армија. Тоа е она што на пример, на почеток е важно при носењето на секоја таква одлука и се разбира дека и во иднина доколку се појави потреба и доколку се побара од нас да донираме нешто кое го поседуваме, а не е дел од формацијата, односно борбената готовност на Армијата, и во иднина ќе донесеме таква одлука, истакна Петровска.

Во однос на посетата на Украина, министерката Петровска посведочи за огромните уништувања на цивилната инфраструктура, за уништените училишта, градинки и домови, но и за желбата, енергијата и оптимизмот кај украинскиот народ и власти да не се предаваат.

Две поделени чувства имав – прво огорченост и вознемиреност и тага од тоа што го видов таму. Не е сеедно кога ги гледате фотографиите, снимките, но кога ќе отидете на лице место кога ќе видите дека биле нападнати и целосно уништени градинки, училишта, домови и тн, инфраструктура, не зборувам за воена туку за цивилна. Но од друга страна се воодушевив од желбата, енергијата и оптимизмот на украинскиот народ и украинските власти дека не се предаваат. Треба да имаме едно предвид – Украина е нападната држава, Украина има право и обврска да ја одбрани сопствената територија. Уште колку ќе трае војната беше прашање кое беше поставувано од самиот почеток. Дали војната ќе заврши брзо е прашање кое треба да го одговори тој што нападна, зашто Украина не може прва да престане кога таа се брани, истакна Петровска.