На социјалните мрежи се шири апел за пронаоѓање на Самоил Костадиновски, кој бил внук на политичарот Љубе Бошковски, пишува порталот ММС.мк

Според објавите тој наводно бил киднапиран во близина на чешката амбасада.

ММС се обиде да стапи во контакт со семејството Бошковски, за потврда на информацијата. Сопругата на Бошковски, Виолета,  ја потврди и рече дека тоа е нејзин внук од брат.

-Веќе четири дена го нема, никој ништо не знае, а полицијата трага. Самоил е дете од брат ми и има 26 години. Излегол од дома, наводно го викнале накај Кисела Вода или Драчево. Некој човек, кај што го оставиле автомобилот кажал дека излегол од својот автомобил и влегол во друг, каде имале троица луѓе. Потоа кажале дека тоа се случоло кај чешката амбасада, наводно префрлен во украден автомобил. Засега никој ништо не знае, а телефонот му е исклучен, вели Бошковска и додава дека семејството не знае која е причината, односно тој дома не зборувал дека имал некакви проблеми.

ММС се обрати и во МВР од каде го потврдија исчезнувањето на Костадиновски:

-На 04.03.2023 во осум часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26). Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки за пронаоѓање на лицето и расчистување на случајот, информираат од МВР.