ЕУ треба да знае дека нашите граѓани исто така како и Владата го чува своето достоинство и затоа треба да ги дисциплинира и да им укаже на сите свои земји – членки 27, дека треба да се почитува дигнитетот на македонските граѓани и да го осудуваат секое негирање по каков било основ на кој било граѓанин, на која било институција, од кој било аспект на македонскиот народ и на македонското општество, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
-Доколку воспоставиме такво ниво на комуникација во кое што ќе се почитуваме меѓу себе со сите земји-членки на ЕУ вклулително и со Бугарија, од каде што најмногу доаѓаат негативни коментари по однос на различни прашања тогаш и граѓаните ќе бидат поопределни во однос на ова прашање, истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со анкетата за ЕУ.
Во однос на устваните измени, тие се гласаат во Собранието и се една од одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство до нашето полноправо членство во ЕУ. Ковачевски додаде дека со вакво мнозинство треба да се носат измени во обвинителската, судската свера, во децентрализацијата, во реформите во јавната администрација.
Затоа, според него, треба да се изгради широк општествен и национален консензус во однос на тоа дека овие прашања се за иднината на државата.
-Ќе се навратам на анкетата, нашите граѓани сакаат да живеат по европски стандард, заслужуваат да живеат по европски стандард, а тоа се прави во земја членка на ЕУ, меѓутоа нашите граѓани заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ но тука дома во Македонија, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓина, рече Ковачевски.
Ме прашуваат, вели тој, за намалениот број деца во училиштата, но премиерот посочува дека не одат децата од училиштата во странство, одат нивните родители во странство затоа што сакаат да живеат во земја – членка на ЕУ. За споредба посочи на повеќе земји од источниот блок и нивниот напредок по членството во ЕУ и учеството на заедничкиот европски пазар од над 500 милиони луѓе.
-Тоа го сакаат нашите граѓани и Парламентот има обврска заради граѓаните да носи одлуки со кои и нашата земја и целиот овој регион да биде дел од ЕУ, рече Ковачевски.
Премиерот кажа дека од посоченото истражување можеме да извлечеме повеќе заклучоци.
-Прво дека граѓаните сметаат дека ЕУ е наш најдобар партнер и треба да продолжи да биде наш најдобар партнер. Кога се зборува за најдобар партнер тоа значи дека граѓаните ја сметаат ЕУ за наш најголем трговски партнер што и де факто е. Нашата надворешна трговија над 80 проценти е со ЕУ, во делот на инвестициите најголем партнер, што де факто и е бидејќи над 70 проценти од странските инвестиции се од ЕУ. Најголем поддржувач на инвестициите и кредитор е Европската банка за обнова и развој. Ако ја погледнеме буџетската поддршка, тогаш ќе видиме дека во два наврати и во ковид кризата и во време на енергетска криза ЕУ за нас определува макрофинансиска помош, еднократна финансиска помош и помош за поддршка на инвестициите дополнително на ИПА фондовите, рече меѓудругото Ковачевски, кој беше на увид на работите на изградба на градинка во скопски Центар.