Судскиот совет на денешното прво рочиште, за 5 април ја одложи главната расправа од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинетиот за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
Судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, го прифати барањето на одбраната на првообинетиот за одлагање на денешната расправа, од причина што, како што беше посочено од застапниците на обвинетиот, не им се доставени доказите обезбедени од Обвинителството во предистражната постапка.
Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, изјави дека не е испочитувана законската обврска на Обвинителството да бидат доставени доказите, како основен предуслов за соодветна подготовка на обраната.
Цобоски во изјавата дадена за медиумите по одложувањето на расправата за самиот случај рече дека се работи за до крајни граници исполитизиран настан, што само ќе и наштети на постапката.
Нагласи дека во истрагата се спомнувале животнозагрозувачки повреди на оштетениот што, како што рече, очигледно не е така.
Стефан Камишевски, адвокатот на Христијан Пендиков, истакна дека оштетениот ќе се појави пред Судот во мигот кога ќе заврши со лекувањето, а адресата на Пендиков во Бугарија што се уште не е достапна ниту на Судскиот совет што го води предметот, ќе биде соопштена дополнително.
Првообвинетиот Илија Спасески се товари за кривично дело напад од омраза со тешки повреди, додека се уште нема обвинителен акт против второто лице Б.А. (23) од Битола кое беше приведено минатата седмица.