Министерството за економија до Владата достави Предлог-одлука за укинување на мерката за субвенционирана електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија.

Како што соопшти Министерството за економија, според нивните анализи, голем дел од компаниите што користеа субвенционирана електрична енергија од „ЕСМ Продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, не ги намалиле цените на основните прехранбени производи.

Врз основа анализата и податоците од Државниот пазарен инспекторат, предлогот на Министерството за економија е да се укине мерката за сите компании од прехранбениот сектор.

– Мерката за субвенционирана електрична енергија од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи важеше од 1 декември 2022 до 30 април 2023 година. Мерката се однесуваше на компаниите кои што произведуваат – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија, се наведува во соопштението од Министерството за економија.

Целта на оваа мерка, како што посочува Министерството, беше компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат цените на основните прехранбени производи.