Битолчанецот Горан Мицевски, деновиве ја почести публиката со уште една композиција .од личниот опус на современа музика насловена „Beauty of the Nature“.
„Убавината на природата отсекогаш била првата инспирација за уметниците и творците ширум светот. Секој уметник различно ја доживува природата и тие уникатни искуства се рефлектираат и вечно се заробени во нивните дела и стануваат сведоци за нивното постоење. Низ историјата, таа ја обликувала нашата култура и нашите единствени погледи кон светот и имала есенцијална улога во креативното изразување што ние како живи суштества го користиме, за да го разбереме нашето постоење и објасниме светот околу нас“, изјави Мицевски за порталот zoom.mk.
„Beauty of the Nature“ е инспиративна музичка композиција која потврдува дека привилегија е преку ноти да се открие јазикот на природата, да се чујат приказните на столетните дрвја, да се пренесе мудроста на птиците и нежниот приспивен шепот на реките.
Во изминатата година Горан Мицевски Кус ги промовираше самостојните композиции „Прошетка во вселената“ и „Strength of the Stallion“ и композицијата „Немир“ која е дел од музичкиот проект „Гласот од невидливиот свет“.
И оваа композиција како и претходните, е од некомерцијален карактер, слободна за преземање и споделување, подарена на публиката со желба дека ќе побуди инспирација и зрак на надеж во овие предизвикувачки времиња.