Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја доби наградата за мир на УНЕСКО во Брегот на Слоновата Коска за нејзината одлука да прифати повеќе од 1,2 милиони мигранти во Германија, и покрај притисокот во земјата и европските партнери.

Организаторите истакнаа дека Меркел покажала политичка храброст кога Германија ги пречека бегалците кои побегнаа од конфликтите во Сирија, Ирак, Авганистан и Еритреја помеѓу 2015 и 2016 година.

Наградата за мир „Феликс Хуфе Буње“ која денеска и беше доделена на Ангела Меркел, го носи името на првиот претседател на Брегот на Слоновата Коска по независноста од Франција во 1960 година, а наградата беше доделена во Јамусукро, главниот град на Брегот на Слоновата Коска и родниот град на Хуфе-Буње.

Претседателот на жирито што ја додели наградата и добитник на Нобеловата награда за мир Денис Муквеге ја пофали Меркел за нејзината одлука да ги „отвори портите на Германија“ во време кога другите земји тоа не го сакаа.

– Му покажавте на јавното мислење и носителите на одлуки дека не мораме да ги браниме не само нашите права, туку и правата на другите во време на криза, дека на секое општество му треба повеќе од кога било да ги почитува и штити човековите права без никаква дискриминација. Ја пофалуваме вашата хуманост, вашиот дух на солидарност и вашето изразено чувство за етика и вашето инспиративно лидерство, рече Муквеге.

По врачувањето на наградата Меркел зборуваше за актуелната бегалска криза, особено за војната во Украина.

– Мислевме дека времето на војните во Европа помина, но од 24 февруари минатата година, кога се случи жестоката агресија на Русија врз Украина, дојдовме до тажен заклучок дека тоа не е така. Војната ја потресе Европа до нејзините корени, рече Меркел.