Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ, во четврток во Виена ќе ја презентира програмата на нашето претседавање со оваа меѓународна организација.

– Во неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, министерот ќе зборува за предизвиците со кои се соочува организацијата, нашата визија и планови како претседавач во 2023 година, информираат од Министерството за надворешни работи.

Османи ќе оствари средба и со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, а по свеченото прогласување на Северна Македонија за земја претседавач со ОБСЕ, предвидено е двајцата да одржат заедничка прес-конференција.

За време на неговата посета на Виена, како што информира МНР, Османи ќе оствари средби и со австрискиот министер за надворешни работи и со претседателот на Швајцарската конфедерација, Алаин Берсет. На средбите се очекува да бидат разменети мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ и за улогата на ОБСЕ во справувањето со последиците предизвикани со агресијата на Руската Федерација врз Украина.

– Во работниот дел, министерот ќе оствари средби и со раководните структури на независните институции, теренските мисии, останатите извршни тела на ОБСЕ, како и со специјалните претставници на претседавачот, се додава во соопштението.

Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ од Полска на 1 јануари годинава.

Постојаниот совет на ОБСЕ е одлучувачко тело каде се вклучени претставниците на сите 57 држави учеснички на организацијата и 11 партнери за соработка. Тој се состанува на седмична основа во Виена со цел да ги разгледа случувањата во регионот на ОБСЕ и да носи одлуки.