„Ние, како Министерство за култура, побаравме да ги преземеме ингеренциите за реконструкција на Универзална сала, но за да се запази процедурата, чекаме Град Скопје да ни каже каква е моменталната состојба. Три месеци немаме никаков одогвор од градоначалничката Данела Арсовска“ изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска на Сител ТВ.
Таа додаде дека одржала состанок со Арсовска каде што градоначалничката се согласила инвеститор на проектот да биде впишано Министерството за култура, а по изградбата ингеренциите за Универзална сала да се вратат на Град Скопје.
„Градоначалничката, согласно процедурата, сега треба да ни даде извештај за состојбата, што е направено, бидејќи таму нешто се изведувало, треба да знаеме до каде е ситгнато. Зошто три месеци немаме потврден одговор, не знам“ рече Костадиновска Стојчевска.
Министерката кажа дека Скопје влезе во потесна конкуренција за да биде Европска престолнина на културата во 2028 година и токму Универзалната сала е институцијата која аплицира.
„Ќе се обратам и повторно ќе ја повикам на средба на градоначаничката, за да помогнеме и в изработката на програмата за 2028, да бидеме поконкурентни. Но апелирам и до неа и до Советот на Град Скопје, да го разгледаат барање и да ни излезат во пресрет“ рече Костадиновска Стојчевска.
Таа кажа дека парите за реконструкција на Универзална сала стојат на сметка и дека се направени сите проверки за кои имаше забелешки Арсовска.