„Власта треба да се врати кај народот. Време е. Да создадеме иднина во која веруваме. Иднина која ја заслужуваме. Силно верувам во вас, верувајте и вие во себе. 2023 година ќе биде година во која промените ќе ја доживеат својата полна сила. Ќе има многу проекти, поголеми број на помали и една голема победа. Ќе биде подобро. Доаѓаат подобри времиња. Предавствата ќе паднат, моралот ќе се врати, законитост ќе има“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новогодишната честитка.

„Годината која изминува остава свои траги. Добри и помалку добри. Спомени, по некоја добра работа, многу емоции, за жал и загуби и предизвици.

Неспособна власт, беспарица, енергетска криза, поскапувања. Тргуваа со националното достоинство, нема правда, а и мирот е кревок.

Трпаат порази на секој чекор за кои вие не сте виновни. Порази кои власта ги прави на ваша сметка и во ваше име.

Премногу е! Ова мора да има крај.

 

Мора да станеме сите заеднички, да чекориме напред, промените почнаа и враќање нема. Ние имаме право на иднина која ќе е подобра за нашите деца. Таа иднина ние ќе ја обезбедиме.

Македонија е нашиот заеднички дом, да покажеме заеднички патриотизам. Да не губиме време, да ја завршиме работата, народот да има повеќе пари, власта да има повеќе одговорност.

Драги пријатели, испратете ја старата и дочекајте ја Новата 2023 година во добро друштво и расположение, со луѓето кои ги сакате и ви значат. Искористете ги моментите и подарете љубов, сетете се на оние кои не се со Вас, прегрнете ги оние кои се со Вас. Посакајте добро здравје, радост и среќа на сите и трудете се да направите се што е во ваша моќ за да овозможите што повеќе добрина, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговата новогодишна честитка.