Барикадата која се наоѓаше на два километри од граничниот пункт кај Мердаре на територијата на Србија денеска наутро беше отстранета. Косовската полиција соопшти дека патот кој беше блокиран на 27 декември е ослободен за сообраќај. Луѓето кои беа присутни на местото каде што беше блокиран патот изјавија дека се делумно задоволни од договорот постигнат во средата навечер. Нагласија дека дејствуваат во координација со припадниците на српската заедница од Косово.

Advertisements

Во меѓувреме, во текот на ноќта изгореа два камиона со кои беше блокиран патот на локацијата позната како Шкемби и Дудес во Северна Митровица. Косовската полиција соопшти дека освен материјална штета, нема извештаи за повредени лица. Овие камиони беа паркирани на ова место на 27 декември, кога групи Срби поставија нови барикади.

Целата криза траеше 20 дена, односно од 10 декември. Беа блокирани улици во четирите општини на северот на Косово: Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. До отстранувањето на барикадите дојде откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа се сретна со претставниците на косовските Срби. Услов беше да биде ослободен од притвор поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Тој претходно беше уапсен под сомнение дека го организирал нападот врз канцелариите на Централната изборна комисија на Косово на почетокот на декември. Наместо ова, Пантиќ вчера доби домашен притвор.

Прикажи повеќе