Најмладиот член во Супер лигата, ракометниот клуб Алкалоид, ја претстави својата нова база. Во иднина, клубот ќе настапува во салата во Автокоманда. Во изминатиот период салата беше комплетно реновирана, а отсега ќе биде база и на младинските школи. На промоцијата на новиот дом на Алкалоид, клубот ги претстави и новите дресови.
“Сега имаме сала во која може да се тренира од утро до вечер. Основна цел е регрутација на млади таленти кои ќе ги научиме и на добри човечки вредности. Нашата мисија ќе биде исполнета оној ден кога ќе можеме да се пофалиме дека го имаме новиот Лазе, новиот Столе, новиот Манасков… Мора да веруваме во самите себе, во тимот, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба”, рече Живко Мукаетов, Генерален директор на Алкалоид.
„Чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом, тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Презадоволен сум од она што го сработивме досега. За само една година од Првата лига, клубот успеа да избори пласман во Супер лигата. РК Алкалоид е вистински пример не само за клубовите во Македонија, туку во регионот и не само во овој спорт. Ќе бидеме уште поквалитетни како што ќе минува времето“, додаде Кирил Лазаров, тренер на РК Алкалоид.