„Авио сообраќајот има можност за развивање и од двата аеродрома во државата и токму поради тоа обојавивме јавен повик, кој ќе трае три години и на кој ќе може меѓународни авиокомпании да аплицираат и да добијат помош од државата за отворање на нова линија од нашите аеродроми“ рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во „Топ тема“ на Телма.

Тој објаси дека договорот со Виз ер беше суспендиран во 2020 година и дека сите 13 компании кои оперираат од нашите аеродроми во моментов работат без субвенции.

„Ние не ги делиме компаниите на нискобуџетни или поинаку, нашата субвенција е седум евра од Скопје и четири и пол евра од аеродромот во Охрид. Сметам дека сите големи авиокомпании може да аплицираат и да понудат дестинација, која во моментов не е воспоставена“ рече Бочварски.

Министерот кажа дека во 2019 година беше достигнат, досегашниот, максимум за превезени патници од двата аеродрома – 2,7 милиони патници по што поради ковид кризата бројката се намали.

„Оваа година стигнавме до 2,3 милиони патници, со што се покажува дека авио сообраќајот се враќа по ударот од ковид пандемијата“ рече Бочварски кој кажа дека во моментов од Скопскиот аеродром се лета до 38 дестинации, а од Охридскиот до 7.