Сите авиокомпании коишто ги исполнуваат условите може да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка на нови авиолинии што денеска го објави Министерството за транспорт и врски.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека за оваа намена се предвидени 1,1 милион евра, а целта како што вели, е раст на авиосообраќајот во земјава.
„Овој јавен повик е различен од претходните и на него може да се изберат повеќе авиокомпании со коишто ќе се склучи договор. Истиот е во согласност со политиките на фер и конкурентни услови, согласно регулативата на Европската Унија. Од исклучителна важност е да привлечеме нови компании и да го подигнеме нивото на превезени патници,“ рече министерот Бочварски.
Износот на субвенциите ќе биде 7 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и 4, 5 евра во денараска противвредност по патник во заминување превезен од Охридскиот аеродром.