Лажните дојави за бомби кај нас, кои траат со месеци, се повод европските земји да апелираат до граѓаните да внимаваат при патувањето во Македонија. Министерството за надворешни работи на Германија, како што јави „Дојче веле“, ги предупреди германските граѓани дека пред да патуваат во Македонија, преку доверливи локални и социјални медиуми да се информираат за актуелната состојба и да ги следат препораките на надлежните.
„Во Скопје деновиве се регистрирани закани со бомби кон институции и јавни објекти. Во почетокот беа во училишта и државните објекти, но во меѓувреме се проширија и на хотели и други институции. Беше неопходно да се евакуира и Меѓународниот аеродром во Скопје, каде сообраќајот дефинитивно мораше да биде привремено прекинат“, велат од Министерство за надворешни работи на Германија.
Османи вели дека го информирале НАТО за дојавите за бомби, бидејќи овој проблем се смета за регионален. Тој додава дека одговорот е дека Алијансата почнала да прави анализи.
„НАТО нема такви капацитети да спроведува истраги што обично ги прави полицијата, туку повеќе да види какви се капацитетите на системот да се спротивстави на хибридните системи на среден и долг рок. Но, конкретна помош за откривање на актерите, МВР добива од нашите пријателски земји, нашите партнери. Но, како и да е, она што сакам да ве уверам е дека земјата е стабилна, нема индиции за некаква дестабилизација“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Повеќе од еден месец, земјава е мета на дојави за лажни бомби./Аlsat.mk
Мефаил Исмаили